Интервју со М-р Анита Спасовска за Бизнис Инфо

ani-naslovna

04 Aug Интервју со М-р Анита Спасовска за Бизнис Инфо

Бучен Козјак – квалитетни млечни производи какви што некогаш ги правеле нашите баби

“Tоа е киселото млеко кое ме потсетува на она што многу одамна го правеше баба ми. Вистинско кисело млеко.“

Ова се коментарите на потрошувачите за киселото млеко на Бучен Козјак, познато на нашиот пазар како единствено што има кајмак. Македонските потрошувачи го препознаваат како кисело млеко со апсолутно најдобар квалитет на пазарот, поради што неодамна доби QUDAL медал за квалитет од страна на швајцарската организација за сертификација ICERTIAS. За изодениот пат, производите и за она што допрва треба да се сработи, зборува м-р Анита Спасовска, генерален директор на млекарница Бучен Козјак.

БИ: Во јуни годинава прославивте 30 години постоење и отворивте нов производствен погон. Како растеше и се развиваше компанијата?

Да, во средината на јуни направивме мала прослава по повод триесет годишното постоење, а воедно и отворањето на новиот производствен погон. Целта на прославата беше пред сé да им се заблагодариме на нашите долгогодишни соработници кои имаат значајна улога во целокупното наше работење, а воедно и свечено да го отвориме новиот погон.

Компанијата е основана од брачниот пар г-дин Бранко Стојковски и г-ѓа Стојка Стојковска кои за жал се веќе починати и кои од самиот почеток имале јасна цел за реализирање, а тоа било: да откупуваат квалитетно млеко и од него да произведуваат квалитетни млечни производи како што го правеле нашите баби. Почетоците биле тешки и исполнети со многу предизвици, но тие не се откажале. Започнале со откуп на мала количина на млеко (20 – 50 литри на ден) и како постепено го развивале бизнисот, така и количините се зголемувале. Она што основачите го поставиле како темел на работењето, денес претставува и мисија на претпријатието. Нивните наследници г-ѓа Снежана Станојковиќ и г-дин Слободан Стојковски, јас како генерален менаџер во претпријатието, како и останатите вработени, до ден денес настојуваме да произведуваме квалитетни млечни производи коишто ќе им овозможат на крајните корисници да ги задоволат своите потреби и притоа да конзумираат природни и на традиционален начин подготвени производи. Тенденцијата за преструктуирање од мал семеен бизнис во компанија со докажани брендирани производи коишто на конзументите им овозможуваат здрав начин на исхрана е основниот причинител кој придонесе за преселување на целокупното работење на новата локација.

БИ: Дали постои формула за градење успешен бизнис во млечната индустрија во земјава?

Доколку ми дозволите, јас би го проширила прашањето и би кажала не само во млечната индустрија, туку воопшто. Има многу причинители кои имаат свое влијание и придонесуваат да се биде успешен, но она што според мене е најважно е: упорноста, тимската работа и искреноста. Како личност сум многу упорна и таа моја упорност ја пренесувам во моето секојдневно работење. Доколку еден начин е неуспешен не значи дека треба да се откажеме, тоа значи дека треба да го смениме пристапот и резултатите се неминовни. Компанијата со којашто јас менаџирам не би ги постигнала саканите резултати доколку вработените не работат тимски. Јас покрај сопствениците го имам и мојот тим на соработници, со кои сум во секојдневна комуникација и со кои што заеднички ги креираме и развиваме идните планови. Она со што би го завршила одговорот на прашањето е искреноста која иакo е на крај не значи дека е помалку значајна од погоре споменатото, туку напротив, таа мора да постои цело време. Досегашното работење на Бучен Козјак се базира на искреност, а таа искреност нашите ценети потрошувачи ја препознаваат, ја препознаваат и нашите млекопроизводители коишто ни се лојални и доследни добавувачи и за тоа сме им бескрајно благодарни на сите.

БИ: Неодамна го добивте QUDAL медалот за квалитет на киселото млеко. Што значи оваа награда за Вас?

Киселото млеко на Бучен Козјак, како кравјото, така и овчото се познати на нашиот пазар како единствени коишто имаат кајмак. Многу често имам слушано коментари од нашите потрошувачи: “Toa e киселото млеко кое ме потсетува на она што многу одамна баба ми го правеше. Вистинско кисело млеко.“

QUDAL медалот за квалитет ни беше доделен за киселото млеко врз основа на маркетиншко истражување спроведено од страна на швајцарска организација за сертификација ICERTIAS, при што потрошувачите биле прашани “Кој произведувач произведува кисело млеко со апсолутно најдобар квалитет на македонскиот пазар?”

bucen-medala

Наградата беше пријатно изненадување за нас, но истовремено и дополнителен мотив во понатамошно работење. Би ја искористила оваа можност уште еднаш да им се заблагодарам на нашите потрошувачи кои ни ја дадоа довербата.

БИ:Кои се производите од Вашиот асортиман по кои е препознатлив Вашиот бренд?

Покрај киселото млеко што пред малку го спомнав, Бучен Козјак е познат и по својот јогурт којшто го има препознатливиот киселкаст вкус, пастеризирано млеко кое што е во фолија – ќеса. Сите овие производи се со краток рок на употреба, бидејќи во себе освен млеко и соодветна култура не содржат ништо друго. Во последните неколку години започнавме и со производство на неколку видови сирења (кравјо и овчо бело сирење, кравјо и овчо жолто сирење, како и мешано сирење) и пријатно сме изненадени за позитивните коментари од потрошувачите и како се движи потрошувачката на истите.

БИ: Колку е тешко да се одржи производството и конкурентноста во овој сектор и на што се базира довербата која се гради со клиентите?

Tежината да се одржи производството во овој сектор пред сé произлегува од самиот факт што во нашата држава се соочуваме со дефицит на основниот импут, а тоа е млекото. Како што претходно спомeнав, ние имаме свои соработници, млекопроизводители со кои соработуваме уште од самите почетоци. Со самиот раст и развој и нивниот број се зголемува и со секој од нив градиме заедничка соработка базирана на партнерски однос и взаемно почитување. Многу од сопствените средства ги имаме инвестирано во нивните фарми гледајќи во нив долгорочни партери и соработници. За нас е од големо значење фактот дека имаме клиенти кои ги купуваат нашите производи уште од кога се имаат појавено на пазарот и со тоа се гордееме.

Во било кој сегмент на работење за да има раст и развој, тоа мора да биде иницирано од здрава и лојална конкуренција. Бучен Козјак е компанија која опстојува подолг временски период и за нас воопшто не е непознато работењето во окружување во кое што има силна конкуренција, напротив, тоа дејствува дополнително поттикнувачки.

Pogon

БИ: Какви се идните планови и активности на Вашата компанија?

Иако сме на пазарот 30 години, сè уште нашите производи ги нема на цела територија на Република Македонија и она што го планираме во иднина е да ја прошириме дистрибуцијата. Работиме на развивање на нови производи, но многу сме претпазливи и не сакаме да брзаме, а кога по наше видување ќе биде сè подготвено, ќе ги запознаеме и нашите потрошувачи. Секако додека ова се работи паралелно, уште инвестираме во производниот погон и работиме на создавање на уште подобри услови за работа и усовршување на процесите.