Интервју со Горјан Јовановски AirCare(МојВоздух)

Пред извесно време остваривме соработка со апликацијата Мој Воздух! 

Соработката се оствари со цел поставување на нови мерни станици низ нашата држава. Мерните станици ќе ја зголемат точноста на информациите поврзани со загадениоста на воздухот и ќе помогнат во подигнување на свесноста за оваа проблематика, со која се соочува нашето општество изминативе неколку години.

Со цел малку повеќе да ви објасниме за моменталната ситуација со воздухот и да ви ги претставиме активностите на апликацијата МојВоздух поразговаравме со Горјан -долгогодишен активист на полето на чист воздух како и многу други хуманитарни активности а воедно и основач на апликацијата МојВоздух. Прочитајте што тој имаше да ни каже на оваа тема.

 

 

  • Каква е ситуација со загадувањето во моментов? И дали во изминативе години параметрите на општествена свесност на ова прашање се поместени?

 

За жал, секоја година гледаме дека загадувањето нема големо помрднување од статус кво-то. Се тешиме со ситуацијата дека сме спречиле да биде полошо, но за жал големи напредоци кон подобро сe’ уште нема. Тоа не значи дека ништо не е направено во тој правец, неколку фабрики беа затворени, дел беа казнети и наредени да постават филтри, се гради активно гасоводот и се даваат субвенции за менување на старите грејни тела во домаќинството. Сето тоа е резултат на покачената јавна свест околу важноста на борбата против аерозагадувањето, и најчесто се должи на еко организации и граѓани кои бунтуваат на социјалните мрежи и улиците.

 

  • Драго ни е што оваа година одлучивме да се приклучиме на оваа кауза, кажи ни кој е ефектот на  ваквите инвестиции? 

 

Пред 6 години, пред да се направи AirCare/МојВоздух, се знаеше дека има загадување, но не беше некоја битна тема за разговор. Но откако ги прикажавме податоците за загадувањето, откако ги направивме јавно достапни, нагло се покачи јавната свест, а со тоа и малку се разбудија институциите и почнаа да делуваат.

 

  • Дали сметаш дека инвестирањето назад во заедницата треба да прерасне во позитивна пракса на големите компании? И дали само инвестицијата е доволна или потребно е и нешто повеќе?

 

Колку е поголема компанијата, толку повеќе може да направи за сопствената заедница. Тие треба да се пример за тоа како се враќа кон општеството, да бидат репер за сите останати бидејќи можат да го дозволат тоа. И не само финансиска инвестиција, големите фирми имаат и голем број на вработени кои преку акции може еден ден во месецот/годината да се приклучат кон подобрување на животната средина. Замислете секоја фирма да го правеше тоа, како ќе изгледаа нашите градови?

  • Што можеме ние како заедница да допринесеме на ова поле?

    Од промена на личните навики (користење велосипед, рециклирање, собирање ѓубре пред куќа/зграда), до лобирање и ставање притисок на надлежните да направат поголем напор околу обезбедување на нашето уставно право за чиста и здрава животна средина. Пасивно, или чекајќи на други, проблемот нема да го решиме. Само сплотено, заедно ја имаме моќта да го направиме ова!